
Пожар избувна вчеравечер во познатиот угостителски локал „Baking Bread“ на улицата „Димитрие Чуповски“, кај Рекорд во центарот на Скопје. Огнот зафатил дел од локалот, кој се наоѓа во приземјето на станбена зграда, но благодарение на брзата интервенција на Противпожарната бригада бил навреме локализиран и изгаснат, со што било спречено негово проширување.
По инцидентот, сопственикот на локалот, Мише Цвејевски, се огласи на социјалните мрежи, нагласувајќи дека во пожарот нема повредени и дека навремената реакција на вработените и пожарникарите спречила поголеми последици.
„Фала Богу, никој не е повреден. Благодарение на обуката што ја имаат нашите вработени за вакви ситуации, нивната брза реакција, како и брзата интервенција на момците од Противпожарната бригада, избегнати се поголеми последици. Големо благодариме до нив за професионалноста и брзата реакција“, напиша Цвејевски.
Тој појасни дека пожарот бил предизвикан од мало невнимание при рутинска промена на маслото во една од фритезите, потенцирајќи дека не станува збор за сериозен инцидент.
Според него, причинетата материјална штета е релативно мала и веќе се работи на нејзино санирање, по што локалот повторно ќе ги отвори вратите за посетителите.
Воедно, сопственикот категорично ги демантираше шпекулациите што се појавија на социјалните мрежи дека пожарот бил намерно предизвикан за наплата на осигурување.
„Сакаме јасно да кажеме дека Baking Bread нема да побара ниту еден денар од осигурителната компанија. Штетата е мала и ќе ја санираме сами“, порача Цвејевски.
Според досегашните информации, во пожарот нема повредени лица, а причината за инцидентот е несреќен сплет на околности при редовно одржување на кујнската опрема.

