Skip to main content
Балкан

Половина тело му беше надвор од авионот – потресно сведоштво по хоророт во летот на „Рајанер“

11/07/2026  23:21

Вистинска драма се одвивала на летот на авиокомпанијата „Рајанер“ од Солун, кога за време на летот дошло до пукање на прозорец, а 61-годишен државјанин на Србија, кој седел покрај него, за малку ќе бил извлечен надвор од леталото. Неговата сопруга, која била до него, ги опиша застрашувачките моменти во кои таа, една сопатничка и уште еден патник со сите сили се обидувале да го задржат додека половина од неговото тело било надвор од авионот.

Во изјава за грчката телевизија „Мега“, таа раскажала дека инцидентот се случил ненадејно, околу половина час по полетувањето.

„Летавме веќе 30 до 40 минути кога одеднаш пукна прозорецот. Мојот сопруг седеше до прозорецот. Сè се случи за дел од секунда. Поради разликата во притисокот половина од неговото тело заврши надвор од авионот. Во кабината почна да лета сè, паднаа кислородните маски, а никој не знаеше што да направи. Сите плачеа“, раскажала таа.

Според нејзините зборови, првично таа и една жена која седела во близина се обидувале да го задржат, а потоа им се придружил и патник од соседниот ред.

„Ние двете го држевме, а потоа дојде господинот од редот до нас и заедно го влечевме за раката, додека половина од неговото тело беше надвор од авионот“, изјавила сопругата.

Грчките медиуми наведуваат дека клучна улога во неговото спасување имал и безбедносниот појас, кој спречил целосно да биде извлечен од авионот.

По инцидентот, пилотите веднаш ја промениле рутата и безбедно слетале на аеродромот „Македонија“ во Солун, по што патниците биле евакуирани.

Повредениот 61-годишник, како и лицата кои му помогнале, биле пренесени во болница. Од Генералниот конзулат на Србија во Солун соопштија дека тој не е животно загрозен, а лекарите го утврдуваат обемот на повредите.

Според првичните информации што ги објавуваат грчките медиуми, при спуштањето на авионот дел од оштетениот мотор наводно се откачил и удрил во прозорецот на кабината, по што дошло до негово пукање. Надлежните служби спроведуваат истрага за да ги утврдат точните околности за несреќата.