
Британскиот глумец Ентони Хопкинс, вели дека ја остварил својата „прва желба“ да потпише договор за снимање како композитор.
Ѕвездата на оскаровскиот „Кога јагнињата ќе стивнат“, денес 88-годишен, потпишал договор со „Дека класик“ (Decca Classics) и следниот месец ќе го издаде својот прв албум преку оваа издавачка куќа, насловен како „Животот е сон (Life Is A Dream)“ – збирка дела на коишто работел скоро 60 години. Од неа првиот објавен сингл на Хопкинс е „Bracken Road (Патот на папратите)“.
„Музиката беше мојата прва желба – компонирам музика целиот свој живот. Некои од овие дела со десетлетија живееја со мене и сè уште се навраќам на нив. Целиот мој живот е сон. Потпишувањето со ’Дека’ е чест за целиот живот“, објави оскаровецот на својот интернет-простор.
– Огромна привилегија е што големиот сер Ентони Хопкинс ѝ се придружи на „Дека класик“. Неговата длабочина на дарбата и познавањето на класичната музика, усовршени во текот на целиот живот, е задоволство да се прослави со овој нов албум. Слушањето како неговите неверојатни композиции оживуваат на сесиите за снимање во Лондон со Густаво Дудамел и Филхармонискиот оркестар беше искуство што се случува еднаш во животот и со возбуда го носиме на светот, изјави претседателката на „Дека“, Лора Монкс.
Хопкинс смета дека вистинска привилегија за него било да соработува со Филхармонискиот оркестар и соловиртуозите – виолончелистот Грегорио Нието и класичниот пијанист Серџо Тиемпо. Музиката ја изведува диригентот, инаку добитник на „Греми“, Густаво Дудамел, а Филхармонискиот оркестар ќе го одрази животот на Хопкинс кој со неговото семејство живеел и растел во Велс.
Албумот ќе биде објавен на 21 август.
„Мојата најдлабока благодарност и почит одат кај маестро Дудамел, чија уметност е составен дел од ова музичко патување. Со грациозната прецизност на неговата палка, тој ја преобрази секоја нота со длабоко и неизбришливо значење, создавајќи сликовит пејзаж што го кани слушателот да почувствува и замисли нешто уникатно и лично“, додаде Хопкинс.
Улогата на Хопкинс како канибалот-убиец Ханибал Лектор во „Кога јагнињата ќе стивнат“ му ја донесе наградата за најдобар актер на „Оскарите“ во 1992 година. Потоа глумеше и во продолжението на „Тишината на јагнињата“ од 2001. – „Ханибал“, и во претпродолжението „Црвениот змеј“ (2002). и во десетици други филмови. Актерот освои втор „Оскар“ во 2020 година за неговата улога во „Таткото“ на Флоријан Зелер, филм во којшто глумеше покрај Оливија Колман.


