Skip to main content
Македонија

Ердоган им подари револвери на лидерите на НАТО – Силјановска нема да го користи подарокот

09/07/2026  16:42

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган им подари гравирани револвери со нивните имиња и кутија со боева муниција на лидерите на земјите-членки на НАТО по завршувањето на самитот на Алијансата во Анкара, објави „Мета“.

Покрај оружјето, секој лидер добил и писмо со кое турските власти се откажуваат од извозните ограничувања за конкретниот подарок, со цел тој законски да може да биде изнесен од Турција.

Меѓу лидерите кои го добија необичниот подарок е и претседателката на Македонија, Гордана Силјановска-Давкова. Од нејзиниот Кабинет за „Слободен печат“ потврдија дека револверот нема да биде користен, ниту претседателката ќе има каков било контакт со него.

Според Кабинетот, подарокот е примен преку државниот протокол и дипломатска пошта, а по пристигнувањето во Скопје ќе биде соодветно евидентиран и со него ќе се постапи согласно Законот за оружје.

Ваквиот подарок значително се разликува од претходните самити на НАТО, кога домаќините традиционално им подаруваа симболични сувенири. Така, на самитот во Варшава во 2016 година лидерите добија полска вотка со мед, локални чоколади и поштенски марки, додека на самитот во Њупорт во 2014 година подарокот се состоеше од волнени чорапи, велшко виски и традиционални вафли.

На дводневниот самит во Анкара присуствуваа лидерите на сите 32 земји-членки на НАТО, меѓу кои и американскиот претседател Доналд Трамп. Од Македонија учествуваа претседателката Гордана Силјановска-Давкова, министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и заменик-генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска.