
Министерството за внатрешни работи информира за повеќе одделни случаи на насилство во Скопје, во кои се инволвирани малолетници, а во два од нив бил употребен и остар предмет.
На 3 јули во 14:53 часот од ЈЗУ „Св. Наум Охридски“ – Скопје било пријавено дека кај нив со повреди нанесени со остар предмет бил донесен 12-годишник од Скопје. Според информациите, повредите му ги нанел друг малолетник истиот ден околу 13:00 часот на подрачјето на Шуто Оризари.
Подоцна, во 23:55 часот, во Полициското одделение Шуто Оризари, 36-годишната С.А. од Скопје пријавила дека и нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од четворица малолетници, при што еден од нив му нанел повреда со остар предмет. Полицијата презема мерки за целосно расчистување на случајот.
Во друг инцидент, 19-годишник од Скопје пријавил дека во четвртокот вечерта на подрачјето на Бит Пазар, додека бил со неговиот брат и другар, дошол А.Б. со уште едно лице и им упатувал закани. По пријавата, А.Б. се обидел да избега, но бил фатен и лишен од слобода, по што признал дека им се заканувал на момчињата.
Во третиот случај, скопјанец пријавил дека кај местото викано „Врапче“ во Драчево, неговиот 15-годишен син бил физички нападнат од Н.Д. (41) од селото Батинци.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки и активности за целосно расчистување на сите случаи.

