
Без меѓународното право и силни мултилатерални системи, помалите држави ќе станат само набљудувачи, а Хрватска не сака да биде во таква позиција – порача денеска хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во Торонто.
– Веруваме дека во меѓународните односи за земјите со наша големина постојат двајца најдобри пријатели. Едниот е потпирањето на меѓународното право, а другиот се зајакнатите меѓународни, мултилатерални системи и подобреното глобално управување. Без нив, помалите држави ќе станат само набљудувачи, а ние не сакаме да бидеме тоа – изјави Пленковиќ.
– Меѓународниот систем станува сè пофрагментиран, но истовремено сè повеќе го обликуваат мрежи што ги поврзуваат луѓето, општествата и државите на различни континенти – рече хрватскиот премиер за време на предавањето на Високата школа за глобална и јавна политика „Манк“ во Торонто.
– Во таква средина отпорноста повеќе не е само цел на јавните политики, туку стратешка неопходност. Исто така, на поврзаноста повеќе не се гледа исклучиво како на двигател на економскиот раст. Инфраструктурата, транспортните коридори, дигиталните мрежи и енергетската поврзаност станаа клучни компоненти на националната и на колективната безбедност – оцени тој.
Поради тоа, Хрватска веќе инвестира во младите генерации, издвојувајќи пет отсто од БДП за образование, бидејќи без „солидно образование, помалите држави едноставно немаат шанса во денешниот конкурентен свет“, објасни Пленковиќ.
– Затоа верувам дека идниот меѓународен поредок нема да го обликуваат само големите сили, туку и земјите способни да поврзуваат региони, да градат партнерства, да ја зајакнуваат отпорноста и да нудат практични решенија за заедничките предизвици – додаде тој.
Пленковиќ нагласи дека токму таква улога Хрватска сака да има во Европа, во НАТО, во пошироката трансатлантска заедница и во светот.
Според него, држава со големина на Хрватска треба да ги препознае областите во кои може најефикасно да придонесе и да обезбеди да остане сигурен партнер кога ќе се појават предизвици. Во хрватскиот случај, тие приоритети ги вклучуваат енергетиката, поврзаноста и демографијата.
Како примери од областа на енергетиката, Пленковиќ ги посочи терминалот за течен природен гас на островот Крк, кој, според него, ја претворил Хрватска од земја зависна од увоз на енергија во регионален енергетски центар, како и Јадранскиот нафтовод преку кој се снабдуваат соседните земји.
– Хрватското искуство покажува дека можеме значително да придонесеме за регионалната енергетска безбедност ако навреме инвестираме и градиме партнерства, размислувајќи стратешки за нашата географска положба, рече тој.
Сепак, целите за долгорочна конкурентност и отпорност не можат да се постигнат без решавање на демографските предизвици, истакна Пленковиќ, нарекувајќи ја демографијата стратешки предизвик за целиот западен свет.
– Никој во Европската Унија, со сегашниот наталитет, не може да го одржи ниту сегашниот број жители што го имаат овие земји, што значи дека сите сме во проблем, рече хрватскиот премиер.
Тој додаде дека Хрватска затоа е насочена кон привлекување странски таленти, поддршка на семејствата, задржување на младите, рамномерен регионален развој и спроведување политики за достапно домување, како и кон поттикнување на враќањето на иселените Хрвати.
