
Метео анализа на Славчо Попоски:
Денес недела 21 јуни, во попладневните часови особено во западните и во северозападните планински предели од Македонија ќе има услови за нестабилност проследена со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и со услови за појава на краткотрајно невреме. Температурите денес во Македонија ќе се искачуваат во интервалот од 29 до 36 степени, а во Скопје и околината максималната температура денес ќе се искачи до околу 34 степени.
Под влијание на фронтална долина со поладен воздух на висина, од понеделник 22 јуни, па до среда 24 јуни во Македонија атмосферата повторно ќе биде многу нестабилна и на повеќе места повторно ќе се формираат фронтални влажни воздушни бранови од кои очекувам појава на поројни врнежи од дожд, грмежи и засилен ветер. Поради загреаната атмосфера, исполнета со многу енергија локално процесите ќе бидат интензивни и ќе има појава на невреме проследено со обилен пороен дожд, силен ветер, силни електрични празнења и со локална појава на град кој би можел да биде и крупен.
И во делови од Скопскиот регион во погоре споменатиот период ќе има услови за појава на невреме проследено со обилен пороен дожд, силен ветер, силни електрични празнења и со локална појава на град.
Да напоменам дека за време на овој период нестабилноста локално во Македонија ќе донесе поголемо количество на воден талог, и локално ќе наврнат над 30 литри на метар квадратен дожд.
Температурата во понеделник на 22 јуни ќе се искачува во интервалот од 28 до 36 степени а во Скопје и околината таа ќе се искачи до околу 33/34 степени. За некој степен пониска максимална температура во Македонија ќе имаме во вторник и во среда (23 и 24 јуни) кога таа ќе се искачува во интервалот од 27 до 34 степени а во Скопје и околината таа ќе се искачува до околу 31/32 степени. Тоа значи дека и покрај нестабилноста и поројните врнежи и локалното невреме во Македонија, сепак топлото време ќе ни се задржи кај нас во Македонија.
Наутро пак во погоре споменатиот период минималните утрински температури во Македонија ќе се спуштаат во интервалот од 12 до 18 степени што значи дека релативно топли ќе бидат и утрата во Македонија. Во Скопје и околината наутро температурата ќе се спушта до околу 17 степени.



