
Македонската заедница во Полска е завиена во црно по трагичната смрт на 72-годишната Емилија Котевска Аврамчева, долгогодишен и истакнат активист во македонската дијаспора, која го загуби животот по тешка сообраќајна несреќа на експресниот пат S8 во близина на Варшава.
Несреќата се случила вчера околу 15:50 часот кај крстосницата Опач-Колонија, во правец кон Варшава. Според информациите на полските служби, Котевска Аврамчева го запрела својот автомобил на итната лента, по што излегла од возилото. Во тој момент била удрена од автобус или комбе што се движело по патот.
На местото на трагедијата веднаш интервенирале три противпожарни екипи од Прушков, тим на Итната медицинска помош и хеликоптер на Воздушната амбуланта. По извршената реанимација, повредената била итно пренесена во болница, каде лекарите се бореле за нејзиниот живот. Сепак, и покрај сите напори, таа им подлегнала на тешките повреди во раните утрински часови.
Полската полиција соопшти дека е во тек истрага која треба да ги утврди сите околности под кои се случила трагичната несреќа.
Емилија Котевска Аврамчева беше препознатлива како еден од столбовите на македонската заедница во Полска. Со години активно работеше на зачувување на македонскиот јазик, култура и национален идентитет меѓу иселениците, оставајќи длабока трага во животот на македонската дијаспора. Нејзината смрт претставува голема загуба не само за нејзиното семејство, туку и за Македонците кои живеат и дејствуваат во Полска.


