Skip to main content
Балкан

Во Србија в недела ќе се одржат вонредни парламентарни избори

23/10/2026  10:32

Србите в недела ќе гласаат на вонредни парламентарни избори кои се сметаат за едни од најнеизвесните од воведувањето на повеќепартискиот систем во 1990 година.

Право на глас имаат 6.450.523 избирачи запишани во Единствениот избирачки список, а ќе се гласа на 8.392 избирачки места, од кои 93 се во странство.

Граѓаните на Србија на парламентарните избори избираат 250 пратеници во Народното собрание на Република Србија. Партијата или коалицијата која ќе освои 126 или повеќе мандати може да има мнозинство во Собранието и да формира власт без потреба од коалициски партнери. Доколку ниту една листа не освои мнозинство, власта се формира преку коалициски преговори.

На изборите ќе учествуваат 18 листи, со вкупно 2.418 кандидати за пратеници во идниот состав на Собранието на Србија, утврди Републичката изборна комисија. Половина од учесниците се малцински листи. Седум листи на изборите одат со максималниот број од 250 кандидати за пратеници во Собранието на Србија. Останатите 11 имаат нешто помалку или значително помалку кандидати.

На изборите учествуваат листите „Александар Вучиќ – Обединета Србија“, „Ивица Дачиќ – Фактор на стабилност“, „Студентска листа – Студентите победуваат“, „Расим Љајиќ – Човечки СДП/ЦДП“, „Сојуз на војводински Унгарци – д-р Балинт Пастор“.

Учествуваат и листите „Усаме Зукорлиќ Движење за обединување“, „Руска партија Србија во БРИКС – Слободан Николиќ“, „Автентична десница – д-р Милош Јовановиќ – Нов ДСС – монархисти, Српска коалиција – Надеж, Национална демократска алтернатива, Нова демократска партија на Србија, Движење за Кралство Србија, Храбро српски“, потоа „Европска Србија: Мариника Тепиќ, Здравко Понош, Партија на слобода и правда, Србија центар срце, Солидарност, Самоодбрана, Ослободување“.

На изборите се натпреваруваат и листите „СДА Санџак – Чувари на Санџак“, „Богољуб Кариќ – Движење на силата на Србија – БК“, Бирам правда – бирам иднина – коалиција Сила – проф. д-р Ферид Булиќ – Василиос Провелегиос – Партија на иднината и развојот – Граѓанска партија на Грците во Србија“, потоа „Партија на руско-српско единство – Русите и Србите браќа засекогаш“, „Тато, ова е за тебе – Петар Ѓуриќ – премиер на Србија“, како и листите „Владимир Гајиќ – Алтернатива за Србија – Народна партија, Бунт – Вистинска Србија“, „Албанска коалиција“, „Мајка Србија – Груда“ и Либерално Зелена Партија – За слободна и почиста Србија“.

Мандатот на пратениците трае четири години, освен ако Собранието не се распушти порано.

На последните парламентарни избори, одржани на 17 декември 2023 година, беа регистрирани 6,5 милиони гласачи. Според податоците на Републичката изборна комисија, гласаа нешто повеќе од 3,8 милиони, односно 58,77 отсто од граѓаните.

Изборен систем

На парламентарните избори во Србија граѓаните не гласаат за поединечни кандидати, туку за изборна листа.

Цела Србија претставува една изборна единица. Тоа значи дека гласовите од сите избирачки места се собираат на ниво на целата држава.

На гласачкото ливче гласачот го заокружува називот на изборната листа. Еден гласач може да заокружи само една листа. Ако заокружи повеќе, гласачкото ливче е неважечко.

Изборните листи имаат свои називи и носители. Носителот на листата често е едно од најпрепознатливите лица на политичката партија или коалиција и има важна политичка и маркетиншка улога, иако гласачите формално не гласаат за него лично, туку за целата листа.

По гласањето, мандатите се распределуваат пропорционално на бројот на гласови што ги освоила секоја изборна листа, односно ако една листа освои доволно гласови за 20 мандати, во Собранието ќе влезат 20 кандидати, според нивниот редослед на листата.