Skip to main content
Македонија

Пожарите не стивнуваат: Активни огнени жаришта во Куманово, Скопје и Василево

19/06/2026  18:16

До 18:00 часот денеска, на територијата на Македонија се евидентирани вкупно 13 пожари на отворен простор, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Според последниот биланс, пет пожари сè уште се активни, еден е ставен под контрола, додека седум пожари се целосно изгаснати.

Најголем број од активните пожари се регистрирани на подрачјето на Куманово. Во населбата Баново Трло гори ѓубре, додека на улицата „Ѓуро Пучар – Стари“ е зафатена ниска вегетација. Активен пожар има и во скопската населба Сингелиќ, каде што гори ниска вегетација и ѓубре, како и во селото Горно Лисиче во Општина Аеродром, каде огнот зафатил ѓубре и ниска вегетација. Петтиот активен пожар е во селото Градошорци, Општина Василево, каде гори ниска вегетација.

Под контрола е ставен пожарот на депонијата во селото Железница, Општина Кратово.

Во меѓувреме, целосно се изгаснати седум пожари, и тоа во Арачиново, Струмица, на две локации во Гевгелија, на две локации во Велес и во селото Нараште, Општина Теарце.

Од ЦУК апелираат граѓаните да бидат внимателни и одговорни при движење и престој на отворено, особено во услови на високи температури и зголемен ризик од избувнување пожари.