
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, заедно со градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, извршија увид во градежните активности за изградба на нов мега парк долж булеварот „Христијан Тодоровски – Карпош”, на локација која со децении беше запуштена и претставуваше симбол на негрижа и неискористен потенцијал.
Станува збор за капитален проект со кој некогашната депонија и запуштен простор ќе се трансформираат во современ зелен центар наменет за сите генерации граѓани.
Новиот парк ќе се простира на површина од 8.000 квадратни метри и ќе содржи богати зелени површини, плоштад, детски катчиња, пешачки патеки, фитнес-зони и други содржини за рекреација и одмор.
При увидот беше истакнато дека парковите претставуваат значајна инвестиција во подобрување на квалитетот на животот, почистата животна средина и создавањето на нови јавни простори за дружење и рекреација на граѓаните.
Проектот е дел од програмата за изградба на четири мега паркови на територијата на градот Скопје. Паралелно со овие проекти, предвидена е и реализација на околу 50 помали паркови во сите скопски општини, од кои дел веќе се во фаза на изградба.
Градоначалниците Ѓорѓиевски и Костовски нагласија дека развојот на зелената инфраструктура останува еден од приоритетите во нивното работење, со цел обезбедување поквалитетни услови за живот за сите граѓани.
Со реализацијата на овој проект, Општина Бутел добива нова зелена оаза, а Скопје уште еден модерен јавен простор кој ќе придонесе за поздрава и поквалитетна урбана средина.



