
Општина Аеродром најостро ги отфрла политичките конструкции, манипулации и целосно неточните тврдења што ги пласира советничката група на СДСМ во врска со постапката за отуѓување на градежно земјиште на територијата на општината.
Станува збор за уште еден обид за евтина политичка кампања преку свесно ширење дезинформации и без елементарно познавање на материјалите што редовно се разгледуваат на седниците на Советот. Доколку советниците од СДСМ навистина ги следеа точките за кои земаат советнички паушал, ќе знаеја дека не постои никаква „распродажба“, туку јасно дефинирана законска постапка за развој на општината.
Дополнително, фактите од самите седници јасно ја демантираат нивната денешна реторика. На четвртата седница на Советот на Општина Аеродром, одржана на 26.12.2025 година, при разгледување на 24-та точка – Предлог-програма за работа во областа на располагањето со градежното земјиште во сопственост на Република Македонија на подрачјето на Општина Аеродром за 2026 година, јасно се гледа дека не постоело никакво спротивставување на политиките кои денес се предмет на критика.
**„ГЛАСАА:
ЗА – 16 советници
ПРОТИВ – нема
ВОЗДРЖАНИ – нема
Се констатира дека точката е усвоена.“**
Овој официјален запис од седницата јасно покажува дека не станува збор за принципиелен став, туку за политичка неконзистентност и обид за дневнополитичка манипулација.
Дополнително, СДСМ во минатото имаше сопствени планови за истиот простор, за кој јавно беше најавуван проект за „Дом на спортови и Олимписки дом“, со содржини од голем обем и комерцијално-деловен карактер.
Дали тогаш интересот беше различен, па со договорен партнер сакаа да изградат огромна деловна зграда?
На конкретната локација се предвидува реализација на проект од јавен интерес кој носи нови спортски и рекреативни содржини, уреден јавен простор и значително подобрување на квалитетот на живот за граѓаните. Тоа значи конкретен развој, а не запуштени површини и импровизации. Наместо празни тврдења и политичко плашење на јавноста, граѓаните ќе добијат современ, функционален и уреден простор.
Особено е важно да се нагласи дека цената со која тенденциозно се манипулира во јавноста не е продажна цена, туку почетна цена утврдена строго согласно со закон. Конечната цена ќе се формира единствено преку транспарентно електронско јавно наддавање, во целосно отворена и конкурентна постапка, каде секој заинтересиран субјект има еднаков пристап. Затоа, обидите ова да се прикаже како „распродажба“ се или резултат на незнаење или свесна политичка манипулација.
Дополнително, крајно лицемерно е токму советничката група на СДСМ да зборува за заштита на јавниот интерес и урбан ред. Граѓаните на Аеродром многу добро паметат кој со години ги бетонираше тревниците, кој дозволуваше хаотична урбанизација и кој ја претвори општината во простор со нарушен квалитет на живеење. Просторот кај Мајчин дом останува симбол на таквите погрешни урбанистички политики, чии последици граѓаните ги чувствуваат и денес.
За разлика од тоа, денес Општина Аеродром работи со јасна визија, целосна транспарентност и законитост. Секоја постапка е јавно достапна, секоја одлука поминува низ институционални процедури, а секој советник има можност да учествува, да прашува и да дебатира.
Јавноста заслужува факти, а не политички конструкции. А фактите се јасни: ова не е распродажба, туку развој во интерес на граѓаните.
Општина Аеродром ќе продолжи да реализира проекти што носат спорт, инфраструктура и подобар квалитет на живот, без оглед на обидите за политичко искривување на фактите.



