
Пратеникот и поранешен вицепремиер задолжен за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, во интервју за емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ направи споредба меѓу периодот кога го водеше ресорот за добро владеење и актуелната состојба, оценувајќи дека борбата против корупцијата денес е целосно ставена во втор план.
Според Николовски, токму во периодот кога бил воспоставен неговиот кабинет, Европската Унија ги нотирала последните конкретни позитивни поместувања во антикорупциските политики, додека денес, како што рече, во овој сектор владее застој.
„Ние тогаш имавме јасен План за борба против корупцијата, кој денес во владините приоритети воопшто го нема. Срамно е што функционерот задолжен за ова портфолио – за борба против корупцијата и добро владеење – веќе два месеци не оди на работа, а редовно си зема плата“, изјави Николовски.
Осврнувајќи се на критиките дека граѓаните не биле задоволни од состојбата во правосудството и покрај реформите, Николовски истакна дека улогата на извршната власт не е да влијае врз конкретни судски предмети.
„Како вицепремиер за борба против корупцијата, моја работа не беше да се мешам во конкретни предмети. Никогаш во мојот мандат не сум свртел телефон ниту на јавен обвинител, ниту на судија. Нашата задача беше да градиме систем преку закони и политики. Мојот тим беше иницијатор за Законот за граѓанска конфискација и Законот за потекло на имот, кои денес се применуваат“, рече тој.
Николовски потсети дека во неговиот мандат биле воведени повеќе системски мерки за поголема транспарентност и отчетност. Меѓу нив ги издвои обврската институциите јавно да ги објавуваат трошоците, платите и угостителските услуги, намалувањето на функционерските привилегии, професионализацијата на управните одбори, воспоставувањето на Регистарот на вистински сопственици, како и обезбедувањето двојно поголем буџет и кадровско зајакнување на Државната комисија за спречување на корупцијата и Обвинителството за организиран криминал.
Според него, денешните генерации не ја губат довербата само поради економските услови, туку и поради нефункционалноста на институциите и бавната правда.
„Младите денес не си заминуваат само поради платите. Тие се разочарани затоа што системот не функционира. Затоа мапиравме 121 закон за дигитализација и ја воведовме интероперабилноста на институциите, за да се намали човечкиот фактор и можностите за корупција“, истакна Николовски.
Во продолжение од интервјуто, тој се осврна и на европската перспектива на земјата, нагласувајќи дека Македонија нема друга алтернатива освен полноправно членство во Европската Унија.
Николовски ја критикуваше економската реторика на актуелната власт, оценувајќи дека нејзините тврдења за економски успеси не се совпаѓаат со реалната состојба во земјоделството.
„Актуелната власт постојано се фали дека сме биле втора, трета или петта економија во Европа. Ако е така, тогаш како нема средства за исплата на тутунопроизводителите, сточарите и земјоделците? Вакво доцнење и застој никогаш немало“, рече тој.
Како најсилен аргумент за потребата од европска интеграција, Николовски ги посочи средствата што Македонија би можела да ги добие преку европските фондови.
„Денес националната програма за рурален развој тежи околу 20 милиони евра. Доколку ги отвориме вратите на Европската Унија, во следниот седумгодишен буџет за поддршка на македонското земјоделство ќе ни бидат достапни 1,1 милијарда евра. Не велам дека сè ќе биде мед и млеко, но друг излез немаме. Жалосно е што сегашната власт сее лажен страв и ја држи државата во место“, заклучи Николовски.



