Skip to main content
Македонија

Манасиевски: Немаме проблем правосудниот испит да се полага на албански

28/05/2026  21:23

ВМРО-ДПМНЕ нема ништо против корисниците на албанскиот јазик да го полагаат правосудниот испит на својот мајчин јазик, доколку решението е целосно усогласено со препораките на Венецијанската комисија и европските стандарди. Ова во емисијата „Ноќно студио“ на „4ТВ“ го истакна портпаролот на партијата, Валентин Манасиевски, коментирајќи ги актуелните реакции и протести поврзани со ова прашање.

Манасиевски посочи дека постојат реални проблеми со кои се соочуваат дел од студентите и кандидатите поради јазичната бариера при полагањето на испитот.

„Главните забелешки се дека студентите целата материја ја изучуваат на еден јазик, односно учат на албански јазик, а на крајот, кога треба да полагаат, правосудниот испит се одржува на македонски јазик. Тука претпоставувам се јавуваат одредени проблеми со јазичната бариера. Доколку ова прашање се реши во согласност со Венецијанската комисија и со ЕУ, апсолутно, зошто да не се полага на албански“, изјави Манасиевски.

Тој откри дека во рамките на владината коалиција веќе се водат разговори за изнаоѓање конкретно решение за ова прашање, кое со години останува отворено.

„Ние немаме никаков проблем со ова. Пред околу две недели имаше средба на претседателот Христијан Мицкоски со коалициските партнери – копретседателите на коалицијата ‘Вреди’, господинот Билал Касами и господинот Изет Меџити, на која конкретно се разговараше за решавање на овој проблем“, информираше Манасиевски.

Сепак, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ упати критики кон Демократската унија за интеграција, обвинувајќи ја партијата дека политички го злоупотребува прашањето.

„Мораме да ја погледнеме суштината на овие таканаречени проблеми. Демократската унија за интеграција беше цели 20 години на власт во Македонија. Во тој период имаа дури пет свои министри за правда. Како тогаш не го решија овој проблем, туку дури сега се сетија да организираат протести?“, праша Манасиевски.

Тој порача дека Владата останува отворена за дијалог и за решение кое ќе биде во согласност со законите, европските стандарди и интересите на сите граѓани.