
Државата не може да има независен правосуден систем сè додека клучните обвинителски и судски институции функционираат во директна координација со СДСМ и ДУИ за заштита на партиските кадри. Ова во емисијата „Ноќно студио“ на „4ТВ“ го изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, кој упати сериозни обвинувања кон шефот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази.
Според Манасиевски, актуелниот начин на функционирање на обвинителството е при крај и, како што рече, јавноста веќе препознава дека постои селективна правда и заштита на лица поврзани со поранешната власт.
„Дојде крајот на обвинителот Ислам Абази. Тој сега пробува на било кој начин да ги спаси оние за кои јавноста, преку истражувачките новинари и медиумите, јасно виде дека направиле криминал. Сите видоа дека има криминал и труење на народот, и дека постојат докази за истото, само Абази и неговите соработници не видоа ништо“, изјави Манасиевски.
Тој како пример за, како што рече, апсурдот во правосудниот систем, го посочи случајот со предмет тежок околу 167 милиони евра, во кој, според него, обвинителството прво барало притвор за осомничените, а потоа целосно го променило ставот.
„Имавме случаи кога за украдени 150 ќебапчиња се добиваа четири години затвор. А денес имаме случај тежок 167 милиони евра со 13 осомничени лица, за кои истото обвинителство минатата година бараше притвор за да не избегаат, а само една година подоцна тврди дека тие немаат никаква врска со случајот“, нагласи портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Манасиевски се осврна и на, како што рече, блискоста на првиот човек на ОЈО ГОКК со раководството на ДУИ.
„Да не заборавиме дека Ислам Абази е прв комшија на Али Ахмети во Зајас“, рече Манасиевски.
Тој оцени дека вистинските реформи и воспоставувањето на правна држава ќе бидат можни само кога правосудниот систем ќе се ослободи од политичките влијанија.
„Кога ќе заврши ова обвинителство и судство кое е во директна координација со СДСМ и кое ги штити криминалците, дури тогаш ќе имаме вистинска правда во Македонија. А верувајте, на тоа навистина ќе му дојде крајот и тој процес ќе биде завршен“, порача Манасиевски.
