
Во време дебата околу отворањето нови рудници се повеќе се отвора во Македонија, секретарот на Здружението на металурзи на Македонија, Виктор Грозданов, во својата најнова колумна повика дебатата за рударството да се води со факти, наука и стручни анализи, а не преку страв и политички притисоци.
Во текстот, Грозданов става посебен акцент на концептот на модерно рударство, посочувајќи дека современите рударски проекти денес функционираат според строги еколошки и технолошки стандарди.
„Модерното рударство денес е една од најрегулираните индустрии“, пишува Грозданов, додавајќи дека заштитата на животната средина „не е опција – туку обврска“.
Тој објаснува дека пред отворање на било кој рудник се спроведуваат детални геолошки истражувања, еколошки студии, мерења на воздухот, водата и почвата, како и институционални процедури согласно европското законодавство.
Според него, современите рудници користат системи за контрола на прашина и отпад, строго регулирани технолошки процеси, како и третман и прочистување на водите, со цел да се обезбеди „максимална безбедност и заштита на природата“.
Во колумната се нагласува и дека модерното рударство подразбира обврска за рекултивација и санација на просторот по завршување на активностите.
„По завршување на активностите се спроведува рекултивација – пошумување, уредување на земјиштето, стабилизација и санација на теренот и враќање на просторот во употреблива состојба“, наведува Грозданов.
Покрај технолошкиот аспект, колумната отвора и поширока дебата за економските придобивки од рударството. Грозданов посочува дека дел од приходите од рудната рента директно би се слевале во локалните општини, а законски дел од тие средства би биле наменети за заштита на животната средина.
„Со просечна експлоатација од 12 години и просечна цена од 110 евра по грам (златото е секогаш најваријабилен ценовен метал) и ако пресметате 4% рудна рента за овие мали места кои заедно се помалобројни од Карпош 1, 2, 3 и 4 (Општина Карпош тоа е некаде околу 32 % од населението) има да заработуваат, без да им се меша државата, 86 милиони евра годишно кои има да легнуваат на сметките на Општините. И од овие годишни приливи секоја година 10% се загарантирани со закон за заштита на животна средина“, пишува тој.
Во текстот, Грозданов ги критикува и, како што вели, кампањите на заплашување поврзани со рударството, повикувајќи граѓаните повеќе да веруваат на науката и експертите.
„Почнете да верувате на науката, а не на личности кои уценувале за пари или за работни места“, порачува авторот.
Колумната доаѓа во период кога темата за критичните минерали и новите рударски инвестиции станува сè поактуелна и во Европа и во регионот, особено поради зголемената глобална побарувачка за бакар и други суровини потребни за енергетската и дигиталната транзиција.
