
Пишува: Мирослав Трлин, дипломиран економист во пензија
Кога во јавноста ќе се соопшти дека „во септември ќе има покачување на пензиите“, најголемиот број пензионери тоа го доживуваат како добра и охрабрувачка вест. И навистина, секое зголемување на пензијата е важно за луѓето кои својот работен век го завршиле и денес живеат од своите пензионерски примања. Но ако сакаме чесно и одговорно да разговараме за пензискиот систем, тогаш мора да си дозволиме и едно подлабоко прашање: што всушност значи „покачување“, а што значи „усогласување“ на пензиите?
Законот е многу јасен. Пензиите се усогласуваат двапати годишно според движењето на трошоците на живот и растот на просечните плати. Тоа значи дека суштинската цел на усогласувањето не е државата да „подари“ нешто дополнително, туку пензијата да не ја изгуби својата вредност поради растот на цените и економските промени. Затоа, реално гледано, усогласувањето не е класично покачување, туку механизам за одржување на вредноста на пензијата.
Но во јавноста изразот „покачување“ одамна се одомаќинил затоа што звучи подобро, попривлечно и политички поисплатливо. Токму тука започнува и суштинскиот проблем: дали пензионерите доволно јасно знаат како навистина функционира системот од кој зависат нивната сигурност и мирната старост?
Пензискиот систем во Македонија долго време се темелеше врз модел во кој повеќе вработени издвојуваа придонеси за еден пензионер. Во тие услови доминантен извор на средства беа придонесите, а буџетската поддршка имаше дополнителна и помошна улога. Денес реалноста е поинаква. Односот меѓу вработени и пензионери е значително намален, а пензискиот систем сè повеќе зависи и од средства обезбедени од Буџетот.
Токму затоа денес е легитимно да се постави прашањето дали систем кој значително се потпира и на јавни буџетски средства може и понатаму да се претставува исклучиво како економски модел заснован врз придонеси.
Законот за пензиско и инвалидско осигурување многу јасно ги наведува изворите од кои се обезбедуваат средствата за пензии — придонеси, приходи од имот и инвестиции, средства од Буџетот, приходи од акцизи и други извори. Но во практиката пензионерот добива само конечен износ, без јасна претстава колкав дел од таа пензија произлегува од придонеси, колкав од буџетска поддршка и по кој принцип тие средства се распределуваат.
Тука се отвора суштинска дилема за иднината на системот.
Ако еден дел од пензијата произлегува од лични придонеси, тогаш е логично тој дел да има економски и пропорционален карактер. Но ако значителен дел од средствата доаѓа од Буџетот, односно од јавни средства што ги обезбедуваат сите граѓани, тогаш се поставува прашањето дали тој дел треба да се распределува исклучиво по истиот пропорционален модел или треба да содржи и јасно дефинирана социјална компонента.
Ова не е напад врз пензиите стекнати со труд. Напротив. Ова е обид да се зачува довербата во системот преку многу поголема транспарентност и однапред утврдени правила.
ПИОМ би требало законски да има обврска јасно да ја прикажува структурата на средствата од кои се обезбедува секоја пензија, така што граѓаните ќе можат точно да видат што е резултат на нивното осигурување и придонеси, што е резултат на генерациска солидарност, а што претставува државна социјална гаранција.
Само така пензијата ќе престане да се доживува како политичка милост или дневнополитичка заслуга, а ќе стане она што всушност треба да биде — јасен и предвидлив договор меѓу државата и граѓаните.
Особено денес, кога веќе постојат и прв и втор пензиски столб, идните генерации пензионери ќе живеат во многу покомплексен систем од претходните. Дел од нивните пензии ќе зависат од генерациска солидарност, дел од индивидуални сметки и капитализација, а дел од државни интервенции и буџетска поддршка. Во такви услови, нејасните правила можат да создадат само недоверба и страв.
А општество во кое младите немаат доверба во пензискиот систем постепено ја губи и довербата во сопствената иднина.
Токму затоа најповикани да ја отворат оваа дебата треба да бидат пензионерските здруженија и нивниот Сојуз. Не само како организации што ги собираат пензионерите, туку како субјекти што според сопствените статутарни определби имаат обврска да ги следат и проучуваат уставните и законските права на корисниците на пензија, да преземаат мерки за унапредување на нивната социјална положба и животен стандард и да ги претставуваат пред државните органи во заштита и унапредување на правата од пензиското и инвалидското осигурување.
Токму затоа прашањето за транспарентноста на пензискиот систем, структурата на изворите на финансирање и моделите на распределба на средствата не треба да биде оставено само на политичките партии или на дневната политика. Оваа колумна има цел да отвори јавна дебата околу потребата од преиспитување на постојната законска регулатива, имајќи предвид дека сегашната рамка сè потешко ги објаснува новите реалности во финансирањето и распределбата на пензиите, а со тоа остава простор за недоречености, различни толкувања и можни аномалии во практиката.
Денес повеќе од кога било е потребна искрена и сериозна јавна дебата за тоа што претставува пензијата, како се финансира, кои средства имаат економски, а кои социјален карактер и по кои однапред познати правила се распределуваат.
Пензијата не смее да биде неизвесност. Не смее да биде простор за политичко влијание. Не смее да биде страв за идните генерации.
Пензијата треба да биде договор со државата како доверба, предвидливост и достоинство на цели генерации — сегашни и идни — кои еден ден ќе пристигнат во третото доба.
Таа мора да биде достоинство по завршениот работен век, мирна старост и јасен договор на државата со граѓаните дека годините поминати во работа, придонеси и создавање општество нема да завршат во неизвесност, туку во сигурност, предвидливост и почит.


