Skip to main content
Македонија

Битиќи ја прозва министерката за финансии: „Фејсбук не е место за правдање на долгови“

25/05/2026  17:01

Пратеникот од СДСМ и поранешен вицепремиер Фатмир Битиќи преку Фејсбук статус упати остри критики до министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, барајќи од неа лично да се појави во Собранието и да даде отчет за задолжувањето од 260 милиони евра и новата Фискална стратегија 2027-2031.

„Почитувана министерке за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, утре ќе дојдете во Собрание или ќе напишете нов статус на Фејсбук за ‘аргументирање’ на задолжувањето од 260 милиони евра и новата Фискална стратегија 2027-2031?“, прашува Битиќи во објавата.

Тој најавува дека министерката ќе треба да одговори и на дополнително прашање – дали Владата веќе подготвува ново задолжување од околу 350 милиони евра за сервисирање на еврообврзницата што доспева во јуни.

„Ако аргументите и бројките се на ваша страна, тогаш утре изнесете ги таму каде што се носат одлуките за парите на граѓаните, во Собранието“, наведува Битиќи.

Во статусот, пратеникот обвинува дека Владата избегнува директна дебата пред пратениците и јавноста, додавајќи дека „Фејсбук е удобен, нема реплики, нема процедурални забелешки, нема непријатни бројки и аргументи“.

Според Битиќи, кога станува збор за стотици милиони евра задолжување, министрите мора да одговараат пред Собранието, а не преку социјалните мрежи.

„Граѓаните не ги избраа пратениците за да читаат ваши статуси на социјалните мрежи, туку за да бараат одговори во нивно име“, порачува Битиќи во Фејсбук статусот.