
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, изминатите двa дена учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО, што се одржа во Хелсингборг, Кралството Шведска.
Во рамки на состанокот беа разменети мислења за повеќе актуелни глобални безбедносни предизвици, со посебен акцент на подготовките за Самитот на НАТО во Анкара, што ќе се одржи во јули оваа година.
Фокусот на дискусиите беше ставен на имплементацијата на одлуките донесени на минатогодишниот Самит на НАТО во Хаг, особено во делот на зголемените инвестиции за модернизација на одбраната и одбранбените капацитети, како и на целосната и ефективна имплементација на обврските преземени во рамки на Планот за одбранбени инвестиции. Притоа, беше нагласена заедничката заложба за нивно исполнување со цел натамошно зајакнување на колективната одбрана и капацитетите за одвраќање на Алијансата.
Во рамки на дискусијата, министерот Муцунски нагласи дека Западниот Балкан останува област во Европа во која постои сериозно злонамерно влијание од надворешни фактори и каде што сè уште постојат безбедносни ризици, потенцирајќи дека регионот и понатаму треба да биде во фокусот на НАТО.
Министерот Муцунски ги пренесе приоритетите и активностите на Владата во исполнувањето на заедничките обврски преземени на Самитот во Хаг, со посебен акцент на зајакнувањето на домашните капацитети и способности преку соодветно и зголемено финансирање на одбраната, со цел унапредување на придонесот на државата во колективните одбранбени напори на Алијансата.
Во однос на заедничките напори за зајакнување на колективната одбрана и одвраќање, министерот Муцунски ја нагласи и важноста од натамошен развој и модернизација на одбранбената индустрија, преку зголемување на одбранбеното производство, како и модернизација на индустриските капацитети, како значаен приоритет за посилна Европа во рамки на посилно НАТО.
Во оваа насока, министрите ја нагласија потребата од продлабочување на соработката и координацијата меѓу сојузниците, со цел натамошно зајакнување на трансатлантските врски и демонстрирање на единство во справувањето со новите глобални безбедносни предизвици.
Во однос на Украина, министерот Муцунски ја реафирмираше континуираната поддршка за земјата, како и важноста од обезбедување континуитет и предвидливост на помошта, паралелно со напорите за изнаоѓање праведно решение за воениот конфликт.
Актуелните состојби во Јужното соседство, исто така, беа предмет на дискусија, при што министерот ја нагласи потребата од зајакнат и координиран пристап меѓу сојузниците, како и важноста од соработката со партнерите од регионот и блиската координација со Европската Унија во справувањето со актуелните безбедносни предизвици.
Во овој контекст, беше потврдено значењето на партнерскиот дијалог и продлабочената соработка со стратешките партнери на Алијансата, како важен предуслов за обезбедување стабилност и безбедност на евроатлантскиот простор.
