Skip to main content
Македонија

Граѓанска држава или систем на колективни привилегии?

22/05/2026  15:47

             (кога колективот станува поважен од граѓанинот)

Пишува: Мирослав Трлин, дипломиран економист во пензија

Дали навистина сакаме држава во која личната способност се вреднува според етничка, верска или партиска припадност, наместо според вистинските квалитети на поединецот? Време е да зборуваме за појавата на колективна предност која постепено ја заменува реалната вредност на граѓанинот.

Во нашето општество одамна функционира појава што сите ја чувствуваме, но ретко ја именуваме – колективна предност во граѓански систем. Тоа е состојба во која индивидуалната вредност на граѓанинот се дополнува или целосно се заменува со неговата припадност, која во практика функционира како одлучувачки критериум при вреднување, избор или распределба на јавни функции и ресурси. Кога нешто нема име, тешко се препознава, уште потешко се критикува, а најтешко се исправува. Токму затоа ваквиот системски феномен со години непречено опстојува како дел од институциите, процедурите и неформалните правила.

Граѓанската држава ја дефинира индивидуата како основна мерка. Правата и обврските се лични, а државата не прашува кој си, туку што знаеш и што можеш. Но во практика, многу често системот прво прашува за припадност, чувство, симболика и колективни врски, а дури потоа за способност. Кога заштитата на различностите преминува во предност, таа престанува да штити и почнува да искривува.                                                               Граѓанската држава не е држава без идентитети, туку држава без привилегирани идентитети.

Наместо реална мерка на вредноста, индивидуалната способност се „фризира“ со припадност како компаративна предност. Формално сите имаат еднакви стартни позиции, но неформално правилата се креирани така што одредени колективи добиваат предност. Таквата колективна предност не се базира на компетентност, способност или лична заслуга, туку на групни критериуми кои во теорија служат за заштита, а во практика функционираат како механизам за избор и распределба на позиции.

Последиците од ваквиот систем не се само теоретски. Тој создава демотивација, чувство на неправда и – на крајот – масовно иселување. Луѓето кои се способни и мотивирани, а кои не можат да напредуваат затоа што нивната припадност не ги „квалификува“ за успех, бараат егзистенција во средини каде индивидуалните квалитети се вреднуваат реално, а не преку етничка, верска, партиска или која било друга групна припадност. На тој начин системот, без формално да ги признава своите последици, создава структурна нестабилност и постепено ја поткопува довербата во институциите.

Колективната предност може да создаде мир на краток рок, но на долг рок создава неправда. Таа ги демотивира граѓаните, ги намалува капацитетите на институциите и ја релативизира вредноста на граѓанинот како централна мерка. Државата што дозволува ваков модел на функционирање, дури и ако формално се нарекува граѓанска, ризикува да ја изгуби суштината на својот уставен поредок и да се претвори во систем што вреднува привилегии, а не способности.

Ако сакаме вистинска граѓанска држава, мора да се вратиме на основната мерка – индивидуалната вредност на граѓанинот. Сè друго е компромис што на крајот го плаќаме сите, без оглед на припадноста. Само држава што го вреднува граѓанинот според неговите способности, а не според неговата припадност, може да создаде доверба, стабилност и чувство на праведност.