
Експерти за родителство и педијатрија советуваат идните родители навреме да започнат со подготовка на домот за доаѓање на новороденчето. Тие препорачуваат организацијата и планирањето да почнат уште во второто тримесечје од бременоста, додека уредувањето на просторот и конкретните подготовки да се реализираат во почетната фаза од третото тримесечје, пишува магазинот „Парентс“.
Според Ерика Полсон, сертифицирана бабица, експерт за породување и основач на „Нуртеа“, токму второто тримесечје е најсоодветен период родителите да почнат да размислуваат за домашните подготовки, додека пак, поинтензивното уредување и организација треба да се остават за почеток на третото тримесечје.
– Второто тримесечје обично носи повеќе енергија и поголема ментална јасност, што го прави процесот на планирање помалку стресен и полесен за идните родители, изјави Полсон. Според Полсон, во текот на третото тримесечје домот постепено треба да се приспособува за да стане функционална и мирна поддршка за семејството, без чувство на брзање и дополнителен притисок непосредно пред породувањето.
– Прераното започнување со подготовките може да предизвика емоционално оптоварување, како и непотребно купување работи кои можеби воопшто нема да бидат потребни, додава Полсон.
Од друга страна пак, експертите советуваат дека не постои ниту момент кој може да се остави за „предоцна“ за подготовка. Според нив, на бебето не му е потребен совршено уреден простор, туку присуство, грижа и неколку основни работи неопходни за секојдневна нега.
– Сосема е во ред бебето да пристигне дома и родителите да располагаат само со бебешка кошница и пелени, особено во денешно време кога голем број производи можат брзо да се нарачаат, вели Наоми Драјкер, сертифицирана медицинска сестра и бабица.
Според препораките од експертите, родителите најнапред треба да ги уредат просториите во кои најчесто ќе престојуваат со новороденчето. Притоа, најважни се обезбедување безбеден простор за спиење на бебето, создавање удобно место за хранење и одмор на мајката, како и организација за лесен пристап до пелени, влажни марамчиња и облека.
– Останатите мерки за безбедност во домот може да се одложат од три до пет месеци. Но сепак, родителите треба навреме да прават планови, бидејќи развојните фази како превртување, ползење и обиди за станување обично доаѓаат побрзо од очекувањето, советуваат експертите.



