
Припадниците на генерацијата З, иако израснаа со мобилни телефони и социјални мрежи, сè почесто се обидуваат да избегаат од дигиталниот свет и да поминуваат повеќе време во вистинска комуникација. Во повеќе градови низ САД се шири нов тренд – забави без мобилни телефони, каде учесниците ги оставаат телефоните на влез и целата вечер се посветуваат на дружење лице в лице.
Трендот доби големо внимание откако „The Washington Post“ објави приказна за студенти од Универзитетот во Њујорк (NYU), кои почнале да организираат вакви собири без технологија. Универзитетот претходно понудил 30-дневен предизвик за намалување на користењето мобилни телефони, но дел од студентите решиле да одат чекор подалеку и самите да создадат настани каде телефоните немаат место.
На една од таквите забави, студентите при влез ги оставале своите телефони во мали торбички и ги добивале назад дури на крајот на вечерта. Повеќе од 200 луѓе седеле на долги маси, разговарале со непознати, се смееле и се дружеле без постојано проверување на известувања или „скролање“ по социјалните мрежи.
Една од учесничките подоцна напишала дека искуството било целосно поразлично од типичните забави.
„Целосно сум убедена дека сите забави треба да бидат вакви. Оваа вечер ми промени сè“, напишала таа.
Според извештајот за 2024 година на компанијата „BePresent“, дури 83 проценти од припадниците на генерацијата З признаваат дека имаат нездрав однос со мобилните телефони. Голем дел од младите поминуваат повеќе од пет часа дневно пред екраните, а некои и над осум часа дневно.
Психолозите предупредуваат дека прекумерната употреба на мобилни телефони може да предизвика недостаток на сон, зголемена анксиозност, замор и намалени социјални вештини. Токму затоа сè повеќе млади бараат начин да се „исклучат“ од интернетот и повторно да изградат вистински контакти со луѓето околу себе.
Забавите без мобилни телефони за многумина стануваат симбол на враќањето кон нормалната комуникација, каде разговорот, смеењето и запознавањето нови луѓе повторно се поважни од екраните и лајковите.



