Skip to main content
Скопје

Скопје по 11-ти пат домаќин на глобалниот хуманитарен мото-настан „The Distinguished Gentleman’s Ride“

17/05/2026  10:58

Најголемиот глобален хуманитарен мото-хепенинг „The Distinguished Gentleman’s Ride“ годинава го одбележува своето 11-то издание во Скопје, како дел од светското движење кое ги обединува љубителите на класични мотоцикли и елегантен стил со цел подигнување на свеста за машкото здравје.

Како што информираат организаторите, денеска се очекува на улиците на главниот град да продефилираат повеќе од 220 „дотерани“ моторџии со своите класични мотоцикли, што на настанот му дава препознатлив шарм и визуелна атрактивност.

Настанот, кој Скопје го организира од 2016 година, е дел од глобална иницијатива што досега има собрано повеќе од 60,5 милиони долари наменети за борба против ракот на простата и подигнување на свеста за машкото ментално здравје. Во ова движење учествувале над 340.000 луѓе во повеќе од 121 држава и 1.070 градови ширум светот. Скопското издание досега има придонесено со над 24.000 долари.

Блескавите мотоцикли и елегантниот изглед на учесниците остануваат препознатлив белег и оваа година, со што се промовираат основните цели на настанот – подигање на свеста кај машката популација и собирање средства за борба против сериозни здравствени и општествени предизвици.

Од „Gentleman’s Crew Skopje“, организатор на настанот, упатија благодарност до учесниците, партнерите и пријателите кои, како што посочуваат, придонесуваат „The Distinguished Gentleman’s Ride – Skopje“ секоја година да ги надминува претходните резултати.