
Насилник кој наводно носел пиштол на појас и агресивно се однесувал низ центарот на Скопје бил приведен од полицијата по драматична интервенција, објави профилот „Патриотско друштво“ на социјалната мрежа Х, поранешен Твитер.
Според информациите, лицето пред апсењето престојувало во угостителски објект каде предизвикало вознемиреност кај присутните поради агресивното однесување и наводното носење оружје. По пријава од сопственикот на локалот, интервенирала полицијата.
Во обид да биде приведен, мажот давал отпор и се обидел да избега во близина на Градежниот факултет во Скопје. На видеото кое се споделува на социјалните мрежи се гледа како повеќе полицајци го совладуваат додека му наредуваат на македонски јазик да легне на земја.
Според објавените информации, лицето немало документи за идентификација ниту сместување во Скопје. Подоцна било утврдено дека станува збор за 22-годишен државјанин на Кралството Холандија.
Од Министерството за внатрешни работи потврдија дека на 13 мај 2026 година околу 23:40 часот, полициски службеници од СВР Скопје го привеле 22-годишниот С.С.С. од Холандија.
„Тој бил приведен по претходна пријава дека околу 23:35 часот на подрачјето на Центар се однесувал непристојно и го нарушил јавниот ред и мир. Дополнително, во пријавата било наведено дека лицето наводно носело пиштол. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава“, информираа од МВР.
Од полицијата додаваат дека при интервенцијата не бил пронајден пиштол кај приведеното лице.


