
Соопштение за јавност на Левица:
Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ жестоко ја критикуваше политиката на Владата кон индустријата за коцкање, оценувајќи дека државата наместо да ги заштити граѓаните, овозможува дополнително ширење на „предаторска дејност” која ги уништува семејствата и локалните заедници.
Во објава на социјалните мрежи, Мециновиќ предупредува дека коцкањето не е само економско, туку и сериозно социјално и здравствено прашање, особено во услови на влошен животен стандард и растечка сиромаштија.
„Индустријата на коцкањето е заснована врз бизнис модел на загуба. Кога луѓето, а со тоа и семејствата ги губат платите, тие се појавуваат во графите за профит кај казината и кладилниците”, наведе Мециновиќ.
Тој посочи дека македонските населби и градови се „преплавени” со објекти за коцкање, кои постојат со единствена цел да ја „исцицаат заедницата” во која функционираат.
„Ова е социјална и здравствена криза на општеството за која властите предолго молчат. Патолошкото коцкање во Македонија е криза на јавното здравје која зафаќа сѐ повеќе луѓе во услови на влошување на животниот стандард”, истакна пратеникот на Левица.
Во објавата, Мециновиќ се спротивставува и на актуелните законски решенија поврзани со ограничувањето на објектите за коцкање, порачувајќи дека проблемот не може да се реши со минимални дистанци.
„Никакви црни 500 метри. Време е да се погледнеме во очи оваа криза која ги распарчува поединците, семејствата и нашите заедници”, напиша тој.
Според Мециновиќ, Владата со својата политика практично гарантира дека граѓаните ќе продолжат да губат, додека профитот останува кај сопствениците на казината и кладилниците.
„Владата и понатаму сака да гарантира дека можеш да изгубиш сѐ, за и понатаму да можат да добиваат истите луѓе кои веќе се богатат од оваа предаторска дејност”, наведе Мециновиќ.


