Skip to main content
Македонија

Левица: Слава на хероите – Честит Ден на победата над фашизмот

09/05/2026  16:43

Соопштение за јавност на Левица:

Слободата не е подарок, туку е резултат на пожртвуваната борба на илјадници храбри борци кои под знамето на антифашизмот и народноослободителната борба, се исправија против окупаторите и нивните соработници. 

По повод „9 мај” – Денот на победата над фашизмот, делегацијата на #Левица предводена од пратеникот Борислав Крмов, пред споменикот „Ослободителите на Скопје” положија свежо цвеќе во чест на оние кои ги положија животите за слобода.

Учеството во вооруженото востание во Народноослободителната борба беше револуционерен и патриотски чин на Македонските партизани. Од Народноослободителната војна израсна грандиозното АСНОМ-ско дело, слободната македонска држава. На Првото заседание на АСНОМ, се случи и вториот слободарски и победоносен Илинден, се реализираа вековните стремежи на македонскиот народ за добивање национална и социјална слобода.

Денешниот фашизам е сокриен во економските односи и политичката култура наметната во нивна последица. Денес фашизмот е најочигледен во меѓународните односи на империјалистичкиот поредок каде нациите од центарот на капитализмот вршат агресии врз нациите од периферијата, експлоатираат нивните богатства, ресурси и капацитети, третирајќи ги нивните народи како сопствени слуги за остварување на сопствените соништа.

Потсетуваме дека и покрај неуспешниот референдум на Република Македонија и беше променето уставното име и спротивно на народната волја вовлечена во воениот пакт НАТО. Ветувањата за просперитет никогаш не станаа реалност, но  шовинистичките претензии на соседните држави, политиката на уценување од позиција на моќ карактеристична за некогашните фашистички земји ја слушаме при секоја изјава на претставниците од ЕУ и НАТО кои одново се нацелени кон промена на македонскиот Устав.

Денес, токму како во времето на НОБ, се соочуваме со борбата против фашизмот. Антифашизмот останува траен наш аманет за чување и натамошно унапредување на историските придобивки и вредности на Народноослободителната и антифашистичка војна. Нека е честит и вековен денот и вечна славата на паднатите херои. Еднаш победивме фашисти ќе победиме пак!