
Пратеникот Миле Цеков во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ соопшти дека ја напушта партијата ЗНАМ и понатаму ќе дејствува како независен пратеник, посочувајќи дека одлуката е резултат на подолг период на несогласувања околу клучни политики.
„Одлуката не беше донесена врз основа на еден настан, туку е производ на повеќе состојби кои покажаа дека партијата суштински се разликува од она што го ветувавме пред изборите и она што се случува по две години власт“, изјави Цеков.
Тој потенцираше дека не добил поддршка од партиските колеги за неколку негови иницијативи, меѓу кои зголемување на минималната плата, обезбедување достоинствени приходи за работниците, како и антикризни мерки за земјоделците.
Цеков истакна дека останува на својот став против предложените измени во законот за минерални суровини, нагласувајќи дека бил против ваквото решение и пред изборите.
Како дополнителен проблем ја наведе и нетранспарентноста во јавните финансии. Тој побарал објавување на компаниите кои добиле средства од т.н. унгарски кредит, но, како што рече, на тоа прашање не добил одговор.
Пратеникот информираше дека предложил и законско решение за зголемување на прагот за оданочување од 2 на 4 милиони денари, со цел поддршка на малите компании и земјоделците, но предлогот не бил ставен во собраниска процедура.
„Нашата клучна порака во кампањата беше правна држава и борба против криминалот и корупцијата, но реалноста денес покажува поинаква слика“, изјави Цеков, посочувајќи го случајот со Артан Груби како пример за, како што рече, разочарувачки исходи.
И покрај одлуката, Цеков нагласи дека фокусот не треба да биде на неговото повлекување од партијата, туку на проблемите со кои се соочуваат граѓаните.
„Најважно е што граѓаните се соочуваат со реални проблеми на кои треба што поскоро да се посветиме. Тоа е многу поважно од мојата одлука“, порача тој.


