
Пишува: Мирослав Трлин, дипломиран економист во пенизја
Во демократско општество, здружувањето на граѓаните претставува едно од темелните уставни и законски права. Тоа право подразбира слобода – слобода на избор, слобода на организирање и слобода на дејствување во интерес на членството. Кога станува збор за пензионерските здруженија, ова право добива уште поголема тежина, бидејќи тие треба да ги штитат интересите на една од најбројните и најранливите општествени групи.
Но, логично се наметнува прашањето: дали пензионерските здруженија навистина ги претставуваат пензионерите или тие со текот на времето станале дел од еден поширок, централизирано уреден систем?
Формално, здруженијата на пензионерите се регистрирани како граѓански здруженија, со сопствени статути, органи и членство. Законот за здруженија и фондации јасно ја утврдува нивната автономија и слободата на здружување – било по територијален, било по функционален принцип. Сепак, во практиката се создава впечаток дека таа автономија е значително ограничена.
Во тој контекст, односот меѓу здруженијата и Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија (СЗПМ) остава впечаток на вазалски однос – не во историска, туку во функционална смисла. Однос во кој здруженијата формално постојат, но суштинските одлуки, финансиските текови и правилата на функционирање се централизирани и контролирани.
Тука се наметнува суштинската дилема: дали станува збор за вазален однос или за доброволно здружување – односно, каква е реалната улога на СЗПМ и колкава е вистинската автономија на здруженијата? Особено ако се има предвид дека СЗПМ учествувал во креирањето и усвојувањето на законски решенија (како што е глава X од Законот за ПИОМ), со кои се регулира финансиското работење, собирањето и распределбата на средствата за солидарниот фонд и членарината – без видлива и инклузивна јавна дебата и без поединечни одлуки донесени во сите здруженија што го сочинуваат Сојузот.
Кога законите се носат или се применуваат на начин што создава привилегирана позиција за еден центар на одлучување, а притоа се ограничува самостојноста на основачите, тогаш оправдано се поставува прашањето за правната држава и за еднаквоста пред законот. Што ни требаат закони ако тие не се применуваат во пракса, или ако постојат субјекти што функционираат над закони, без никаква одговорност?
Ова не е прашање на личности, ниту на дневна политика. Ова е прашање на систем. Кога здружувањето ја губи својата автономија, како во случајот со пензионерските здруженија и СЗПМ, тогаш тоа престанува да биде демократска творба и станува инструментализиран механизам. Механизам што потешко ги остварува своите статутарни цели – заштита на пензионерскиот статус, подобрување на социјално-економската положба, здравствената заштита и меѓусебната солидарност.
Во таа смисла, вреди да се размисли и за поинаков модел на соработка меѓу здруженијата – модел на неформално „кровно“ поврзување, без создавање нов правен субјект. Таквиот пристап би избегнал дополнителни финансиски трошоци, бирократизација и можност за нова инструментализација, а би овозможил координација врз основа на договор, еднаквост и заемна почит.
Важно е јасно да се нагласи: ова не е повик за рушење, ниту за укинување на постојните форми на организирање. Напротив, ова е повик за нивно преиспитување и унапредување. Промената не мора да биде радикална, ниту ризична. Таа може да биде постепена, договорена и демократска – со враќање на здравите принципи на доброволност, автономија, отчетност и вистинско претставување на членството.
Доколку пензионерските здруженија повторно станат глас на своите членови, а не продолжена рака на системот, тогаш нема да има потреба од „вазали“ и „центри на моќ“. Ќе има партнери во дијалог и здружување што навистина им служи на пензионерите – и на правната држава.
Затоа што вистинското здружување не создава зависност – туку достоинство.
Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
