
Денеска во Собранието ќе се одржат седници на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика, како и на Законодавно-правната комисија. На нивниот дневен ред се предвидени повеќе законски предлози, меѓу кои и измени на законите за пратеници и за минерални суровини.
Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика ќе спроведе расправа по амандмани на Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за концесии и јавно приватно партнерство, и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за јавните претпријатија. Сите овие предлози ќе се разгледуваат по скратена постапка.
Пред членовите на Законодавно-правната комисија ќе се најдат следните предлози: Предлог на закон за изменување и дополнување на законот за пратениците, со кој се предлага пратениците да поседуваат само едно државјанство; Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за концесии и јавно приватно партнерство; Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини, сите предвидени за разгледување по скратена постапка и амандманска расправа. Дополнително, ќе се разгледа и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за јавните претпријатија, исто така по скратена постапка.

