
Поранешниот прв човек на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Мухамед Мети Сејдини, утринава е уапсен во голема полициска акција. Тој се сомничи за финансиска злоупотреба и проневера на огромни средства наменети за развој на македонскиот фудбал.
Според првичните информации, истрагата е фокусирана на проневера на 700000 евра. Станува збор за наменски средства кои биле директно доделени од Европската фудбалска куќа (УЕФА) на сметката на ФФМ.
Утринското апсење е резултат на координирана акција која ја спроведува Министерството за внатрешни работи во тесна соработка со надлежното Јавно обвинителство.
Според неофицијални извори, случајот почнал да се расплетува од внатрешноста на самата институција. Имено, со доаѓањето на новото раководство на чело на ФФМ, биле детектирани сериозни финансиски дупки и нерегуларности. Откако биле увидени злоупотребите, новото раководство веднаш ги пријавило наодите до МВР, што ја иницирало обемната истрага.

