
Царинската управа со цел олеснување на увозот и непречено одвивање на процесите на царинење, согласно своите законски надлежности, започнува со етапно царинење на употребувани автомобили. Притоа ќе користи други расположиви податоци, наместо податоци од електронскиот Шваке систем до којшто, во светски рамки, е оневозможен пристап поради скорешен сајбер напад.
Царинската управа е во комуникација со Групацијата Аутовиста и очекуваме во најскоро време да ги надминат техничките проблеми со кои се соочува електронскиот Шваке систем, по што како и досега ќе продолжиме да ги користиме податоците од системот при утврдување на вредноста на автомобилите.
Воедно во комуникација сме со имателите на одобренијата со царински терминали за можноста да излезат во пресрет во однос на дополнителните трошоци за престој настанати по овој основ.

