Skip to main content
Македонија

Заев, Бучковски и Зечевиќ на прославата за 35 роденден на СДСМ

20/04/2026  22:00

СДСМ вечерва го одбележа 35-от роденден со свечена седница на Централниот одбор, на која присуствуваа актуелни и поранешни партиски функционери, меѓу кои и Зоран Заев, Владо Бучковски и поранешниот генерален секретар Миле Зечевиќ.

Во обраќањето по повод јубилејот, претседателот на партијата Венко Филипче истакна дека 35 години од формирањето не се само повод за славење, туку и повик за нова, чесна и одлучна борба за праведна Македонија.

– СДСМ повторно излегува пред граѓаните со јасна определба за промени и враќање на власта таму каде што припаѓа – во рацете на граѓаните. Тргнуваме против оваа ненародна криминална предавничка власт, одново чисти, скромни, искрени и посоцијалдемократски од кога било досега – порача Филипче.

Тој нагласи дека партијата повторно стои пред голема историска и политичка задача – да ја врати надежта, правдата и европската перспектива на државата.

– Затоа СДСМ денес е тоа што бил и ќе биде секогаш – големата идеја за Македонија како пристојна, праведна и европска држава – истакна Филипче.

Прославата по повод 35-годишнината помина во атмосфера на единство, со пораки дека партијата влегува во нов политички циклус и подготовка за следните изборни предизвици.