Skip to main content
Македонија

Сиљановска-Давкова: Оваа иницијатива има поширока општествена цел од образовната: да создава поактивни, посвесни и поздрави генерации 

20/04/2026  19:06

Во дворот на претседателскиот Кабинет денеска се одржа спортски настан, во организација на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, а со поддршка на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Настанот е дел од поширока и далекусежна иницијатива чија цел е да се развие, имплементира и евалуира национален модел за промоција на физичката активност, здравите навики и менталното здравје кај децата од 6 до 14 години.

Деца од предучилишна возраст, како и ученици од основното и средното образование учествуваа во бројни спортско-рекреативни содржини: физички вежби, тимски игри, музички и танцови изведби, како и атлетска трка што ја донесе натпреварувачката возбуда и радост.

При обиколката на групите, распоредени според возраста и интересите, претседателката со особено внимание ги проследи активностите, изразувајќи искрено задоволство од ентузијазмот, посветеноста и позитивната енергија на учесниците.

Според неа, иницијативата го покрива не само само образованието, туку има поширока општествена цел: да создава поактивни, посвесни и поздрави генерации.

„Она што нè обединува сите е квалитетното образование, физичката култура и доброто здравје”, рече претседателката.

За неа, има насушна потреба од поздрав модел на живеење, во којшто младите ќе бидат физички поактивни, подолго ќе престојуваат во природата, третирајќи ја како рамноправен партнер, и кон сопственото здравје ќе се однесуваат како кон највреден личен и социјален капитал.

Говорејќи за значењето на физичкото образование, Сиљановска-Давкова нагласи дека спортот истовремено и подеднакво ги зајакнува телото, умот, карактерот и духот.

Деканот на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, Влатко Неделковски, поздравувајќи ја идејата на Сиљановска-Давкова, за спортско-културен настан во дворот на Кабинетот, ги образложи мотивите на иницијативата со очекување на добри резултати преку интензивна институционална соработка.

За него, основната причина за физичка активност е градењето здрава нација, неопходна не само во нижењето успеси во спортот, туку и како движечка сила на економскиот и севкупниот општествен развој.

Деканот очекува дека заедно со експертски групи од Хрватска и Словенија, а во соработка со Бирото за развој на образованието и Министерството за образование и наука, како и Владата, веќе по три години ќе имаме видливи резултати со коишто ќе се гордееме.