
Во атмосфера исполнета со солзи, болка и тишина, денеска во судницата се одвиваше едно од најпотресните сведочења поврзани со трагедијата на Ивана Стојаноска и нејзината малолетна ќерка. Очевидецот на настанот, Мартин Саздов, нивниот близок пријател, со тешкотии зборуваше за моментите што засекогаш му го промениле животот.
Сведокот, видно вознемирен, во повеќе наврати прекинуваше, борејќи се со солзи и силна физичка реакција.Пред судот раскажа дека трагедијата не била изолиран чин, туку кулминација на долг период исполнет со страв, насилство и беспомошност.
Тој опиша како Ивана честопати барала помош, исплашена за сопствениот живот и за безбедноста на својата ќерка. Во една од најтешките ноќи, ја пронашол покрај пат, повредена и во паника, заедно со детето. Според неговите зборови, двете биле изложени на сериозно физичко и психичко насилство.
„Ѝ реков не се секирај, тука сме сите, тука се твоите, сите ќе ти помогнеме. Но, таа беше многу исплашена и не можев да ѝ помогнам. Беше затворена во себе, не зборуваше многу ни со нејзините. Се обидов на многу начини да ѝ помогнам, ама не можев. Ивана во тој период, после настанот во Штип, поднесе тужба за развод, отиде да живее кај мајка ѝ. Почнавме да излегуваме секој ден, ја шетавме Катја. На пример, ја носевме Катја во игротека, во зоолошка, на лулашки, во Џамбо. Ја шетавме цело време. Се обидував да направам да им биде убаво, да не бидат под стрес и исплашени. Ивана секој ден ми зборуваше, не знаеш каков психопат е, ќе нѐ убие двајцата. Ѝ реков не се секирај, има институции, ќе го решат периодов. Ја засакав. Ми рече: ‘Мартин, како што ми е со тебе сега, со никого не ми било вака. Со тебе се чувствувам многу сигурно и смирено’“, рече тој.
Во судницата беа изнесени и наводи за чести закани, навреди и физички напади, кои, според сведочењето, се случувале и пред очите на детето. Ситуацијата дополнително се влошувала со текот на времето, а психолошката состојба на Ивана значително се нарушила.
Кога разговорот стигна до кобниот ден, сведокот не издржа. Му се слоши и беше изнесен од судницата, додека неговата мајка и присутните не можеа да ги сопрат солзите.

