Skip to main content
Македонија

Села формира нова партија „Албански сојуз“

25/03/2026  15:42

Доскорешниот претседател на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, најави формирање нова политичка партија под името „Албански сојуз“, која, како што истакна, веќе е оформена и ќе претставува продолжение на идеалите на досегашната политичка структура.

Во интервју за весникот „Лајм“, Села порача дека не гледа решение во повлекување од политичката сцена, туку напротив – најавува нов почеток и градење на нов, силен политички субјект.

„Не мислиме дека решението е повлекување. Ова е нов почеток и ќе продолжиме да градиме силен политички субјект“, изјави Села, додавајќи дека новата партија ќе биде препознатлива по црвено-црните бои.

Оваа најава доаѓа по одлуката на Основниот суд во Тетово од 18 март, со која партиските печати на Алијансата за Албанците му беа доделени на крилото предводено од Арбен Таравари.

Од таборот на Села најавуваат жалба на ваквата одлука до Апелацискиот суд, што укажува дека политичкиот и правниот спор меѓу двете страни сè уште не е завршен.