Skip to main content
Македонија

Левица во посета на кубанската амбасада – Солидарност против империјалистичките притисоци

24/03/2026  18:40

Соопштение на Левица:

Денес во Софија, Република Бугарија, претседателот на Левица проф. д-р Димитар Апасиев и пратеникот Амар Мециновиќ, ја посетија кубанската амбасада и остварија состанок со Н.Е. Мариета Гарсија, на кој ја изразија нашата цврста и недвосмислена солидарност со народот на Куба, кој со децении се соочува со неправедна, незаконска, нехумана и злосторничка економска блокада.

Блокадата е систем на колективно казнување што го ограничува правото на развој, здравство, образование и достоинствен живот – само затоа што Кубанците не се откажуваат од својот суверенитет, како пример на империјалистички притисок врз една суверена држава која избрала свој пат.

Покрај тоа, Куба останува симбол на отпор, достоинство и интернационална солидарност. Во најтешките моменти на глобалната пандемија, кога многу побогати и помоќни држави се повлекоа, Куба испрати медицински тимови, експертиза и поддршка низ целиот свет, вклучувајќи ја Македонија. Кубанските лекари, водени од идејата за хуманост, а не профит, беа таму каде што беше најпотребно. Тоа е вистинското лице на меѓународната солидарност и затоа не забораваме!

Затоа денес, кога Куба се соочува со економски тешкотии и притисоци, наша обврска е да возвратиме со јасна политичка поддршка.

Бараме укинување на блокадата и почитување на правото на Куба на самоопределување и развој без надворешни уцени. Бараме свет заснован на соработка, а не на доминација.

И крајно, бараме македонското МНР да прекине да слугува на туѓи насилнички интереси и да го избере правецот на мирот на соработката!