
Албанската министерката за економија и иновации, Делина Ибрахимај, изјави дека Владата ќе донесе одлука за повторно формирање Регулаторната комисија за енергетика (РЕК), со цел следење на цените на горивата.
Таа исто така објави дека е одлучено акцизата за нафта да се намали за 20 отсто, од сегашните 39,6 лека.
– Анализирајќи ја актуелната состојба последните денови, како министерство, одлучивме повторно да ја формираме РЕК а исто така и да интервенираме во нивото на акцизата, намалувајќи го за 20 отсто од сегашните 39,6 леки. Одлука Владата ќе донесе деновиве, изјави министерката Ибрахимај, објави АТА.
Албанската Влада го укина РЕК по стабилизирање на состојбата со горивата што се појави по војната во Украина.
Сопствениците на бензинските пумпи по актуелната криза на Блискиот Исток, секојдневно ја зголемуваат цената па така денеска литар дизел чини 2,2 евра, бензините околу две евра по литар.
Министерката Ибрахимај, исто така, нагласи дека се работи на формирање јавен субјект за обезбедување задолжителни резерви на гориво, кој „ќе ја одржува задолжителната резерва, а нацрт-законот е на јавна консултација“.
Наспроти реакциите на граѓаните, таа вели дека досега нема зголемување на цените на храната и дека во случај на нивно зголемување, Владата ќе интервенира со пакети за поддршка на категориите во социјална потреба и пензионерите.


