
Пратеникот од коалицијата Европски фронт, Блерим Беџети, реагираше по соопштението што, како што наведе, го добил од Собранието, посочувајќи дека СМС-пораките биле испратени исклучиво на македонски јазик.
Според Беџети, со ваквиот пристап не се почитува употребата на албанскиот јазик, а истата пракса, како што тврди, ја применуваат и претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски и претседателот на Собранието Африм Гаши.
Во својата јавна објава, Беџети истакна дека испраќањето СМС-пораки само на македонски јазик не претставува „техничка грешка“, туку, според него, јасен политички сигнал дека албанскиот јазик се третира како неофицијален.
„Кога највисоките институции го исклучуваат јазикот дури и од основните форми на комуникација, тоа не е случајност, туку координиран пристап“, посочи Беџети.
Тој оцени дека станува збор за сериозно прашање кое го надминува нивото на дневно-политичка дебата и навлегува во сферата на достоинството и уставниот поредок. Според него, занемарувањето на албанскиот јазик во институционалната комуникација може постепено да доведе до негово исклучување и од други процеси, вклучително и од носењето одлуки.
„Албанскиот јазик не е декор, туку црвена линија“, порача Беџети, додавајќи дека ваквите појави се неприфатливи и не смеат да поминат без реакција.

