Skip to main content
Македонија

Петровска: Како една од 120 пратеници им се извинувам на родителите од Кочани

13/03/2026  00:12

Пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, вечерва во емисијата „24 Анализа“ изјави дека на денешната комеморација за загинатите во Кочани недостасувале фотографии од жртвите, оценувајќи дека тоа било сериозен пропуст, но не и намерен чин за навреда кон семејствата.

„Јас во животот сум присуствувала на многу комеморации и првото што недостигаше денеска во собраниската сала беа фотографиите на загинатите. Не сакам да навлегувам во детали, не сум била дел од организацијата. Но, дали имало пропусти, од ова што го кажуваат родителите, да – имало. Сепак, не верувам дека тие биле намерни и јас лично, од мое име, како пратеник, како една од 120-те, би сакала да им се извинам на родителите и да знаат дека не ни беше целта никого да навредиме“, изјави Петровска.

Таа нагласи дека штом била известена за одржувањето на седницата, немала никаква дилема дека комеморацијата за загинатите во Кочани треба да има апсолутен приоритет пред сите други обврски.

„Кога бевме известени за седницата, лично немав дилема дека овој ден треба да биде посветен на комеморативната седница и сѐ друго што имав како обврски да го откажам. Не доаѓа предвид нешто да биде пред оваа седница“, рече таа.

Петровска посочи дека, според неа, местото на секој пратеник денеска било во собраниската сала, додавајќи дека отсуствувал не само лидерот на СДСМ, Венко Филипче, туку и други пратеници.

„Сметам дека на секој еден пратеник, бидејќи не беше само Венко Филипче отсутен, имаше и повеќе други пратеници кои не беа во салата, местото денеска му беше таму. Конкретно не знам зошто Филипче не беше на седницата. Можете да прашате или во партијата, или во понеделник, кога ќе имаме координација, ќе се обидам и јас да го поставам тоа како прашање“, изјави Петровска.