Skip to main content
Македонија

Трагедија во Тафталиџе: Детето тропало по врати и барало помош

12/03/2026  21:26

Соседите со месеци слушале расправии, викање и насилство во станот каде што живееле мајката и ќерката кои трагично настрадаа во скопската населба Тафталиџе. Ова во емисијата „Ноќно студио“ на 4TV го сведочи нивната сосетка Тања Спировска.

Таа раскажува дека неколку пати лично пријавувала во полиција поради галама и сомнеж за семејно насилство, пренесе 4news.mk.

„Јас сум на трети кат, тие беа на шести. Неколку пати имам пријавено на 112 и двапати дојде полиција“, вели Спировска.

Според неа, при една од полициските интервенции, полицаецот се однесувал грубо и одел од стан до стан, тропајќи по вратите за да открие кој го пријавил случајот.

„Беше околу 11 часот навечер. Одеше од стан на стан, тропаше по вратите и прашуваше каде е жената. Дури ми рече дека можам да добијам пријава за лажно пријавување“, раскажува таа.

По тој настан, Спировска напишала порака во вибер-групата на станарите во зградата, повикувајќи ги соседите да реагираат.

„Напишав дека машкоста не се покажува со тепање и дека следниот пат ќе повикам и специјалци, затоа што не смееме да бидеме соучесници“, додава таа.

Соседите, како што вели, денес чувствуваат вина што не успеале да го спречат трагичниот исход.

„Како минуваат деновите, сите сме сè потажни. Разговараме меѓу себе што сме слушнале и виделе. Тоа беше речиси секојдневно“, вели Спировска.

Таа сведочи дека детето често било исплашено и постојано било блиску до мајката.

„Детето беше залепено за мајката и уплашено. Комшии кажуваа дека тропало по врати и барало помош. Еднаш, во два часот по полноќ, се слушаше како вика: ‘Тато, ќе ја убиеш мама’“, раскажува таа.

Според нејзините зборови, расправиите и насилството се слушале низ целата зграда – преку ходниците и вентилацијата, а инциденти се случувале и надвор од станот, пред зградата и во лифтот.

Спировска додава дека иако повеќепати имало пријави, никогаш не била повикана на разговор во полиција, сè до трагичниот настан, кога изјава побарало обвинителството.