Меси не знае дали ќе продолжи во ПСЖ, ама сигурно останува во Европа

Меси на 24 јуни ќе наполни 36 години, а неколку дена подоцна ќе стане слободен агент на пазарот, доколку дотогаш не потпише нов договор со парижаните. Меси ја освои светската титула со Аргентина, а годинава ја доби и наградата на ФИФА за најдобар светски фудбалер. Затоа секој потенцијален купувач, без разлика на неговата возраст, сепак ќе мора да посегне во сефот.

Аргентинецот се уште нема решено каде точно ќе настапува наредната сезона, но според каталонскиот весник „Ел Мундо Депортиво“, големиот ас донел многу важна одлука за својата кариера. Имено, Меси пресекол околу дестинацијата и решил да остане во Европа, одбивајќи ги притоа понудите на клубови од Саудиска Арабија, Катар и од американската МЛС-лига.

„Меси донесе важна одлука за кариерата. Една работа е сигурна, тој нема да го следи Кристијано Роналдо со трансфер надвор од Европа. Се чувствува подготвен да продолжи да игра на највисоко ниво и тоа ќе го докаже и во наредната сезона“, пишува Ел Мундо Депортиво во своето денешно издание.

Барселона се споменува како најверојатна дестинација, но според каталонскиот весник тоа се уште не е сигурна работа. Меси се уште им дава приоритет на преговорите за нов договор со ПСЖ, но и чека да види како ќе се одвива ситуацијата во францускиот првак, пред се околу иднината на Килијан Мбапе, но и на неговиот добар пријател Нејмар кого клубот сака да го продаде.

Иако Барса останува опција, некако изгледа премногу нереална особено со оглед на околностите под кои го напушти клубот. Економската ситуација на Барселона речиси и не и дозволува да размислуваат за враќање на Меси. Тие сезонава веќе имаа проблеми со пријавување играчи поради финансискиот фер-плеј, а тоа дополнително ќе се засили со враќањето на Меси.

Ако Меси стане слободен на пазарот големи се шансите во офанзива за негов потпис да тргнат и клубови од Премиер-лигата, Пеп Гвардиола со Манчестер Сити, потоа Челси и Манчестер Јунајтед.

Треба да знаете
Последни објави