
Веста која денеска ја разбранува домашната јавност е дека 52-годишен професор од средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје бил приведен од полицијата, откако бил пријавен за вознемирување на ученичка.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, професорот во повеќе наврати барал полови односи од 18-годишна ученичка, по што случајот бил пријавен од директорот на училиштето.
„На 9 март 2026 година во 17:30 часот, полициски службеници од СВР Скопје лишија од слобода 52-годишен маж од Скопје, професор во средно училиште на подрачјето на Општина Центар, постапувајќи по претходна пријава дека во периодот од 25 февруари до 2 март 2026 година вознемирувал 18-годишна ученичка и барал од неа да имаат полови односи“, соопштија од МВР.
По пријавата, директорот на училиштето донел одлука за суспензија на професорот од работа, со цел да се спречат вакви ситуации во иднина.
Од полицијата информираат дека по целосното расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.


