
Горан Игновски, сопственик на продавницата „Чкаља“ ДООЕЛ под брендот „Де аудио“, денеска во судница изјави дека прскалките од кои настанал пожарот во дискотеката „Пулс“ не биле купени од неговата продавница. Игновски рече дека неговата опрема има домет од еден до два метра, додека прскалките што биле користени во дискотеката имале домет од повеќе од три метри, какви што се продаваат на Бит-пазар.
Продавницата на Игновски се наоѓа во Кисела Вода и нуди опрема за сценски ефекти, машини за конфети и балони, ладни и топли фонтани, машини за чад и прскалки кои работат на прашок или вода. Сведокот појасни дека топлите прскалки работат со барут и имаат краток домет од еден до два метра, додека ладните прскалки се поголеми, со домет од неколку метри, и се поскапи.
– Досега сопственик на ресторан ретко купил таква работа, најчесто изведувачите си купуваат сами за своите настапи. Постојат топли и ладни фонтани. Топлите фонтани работат со барут, тоа се оние исти што се ставаат на тортите, го имаат истиот состав како прскалките што прскаат еден до два метра. Има фонтани за надворешна и за внатрешна употреба. Имаме набавувано куферчиња за активација на топлите фонтани, сме ги увезле легално. Примероци од тоа им дадовме на надлежните во истрагата за да ги вештачат. Начинот на активација е следен: се става патрон во кутија и во даден момент се активира со далечинско. Дискретни се, и може да се постават на пример, наутро, а да се вклучат навечер. Ладните фонтани се големи кутии, 30 на 20 и се доста видливи на сцена, тие се поисплатливи да се користат, ама уредот е скап да се купи, па повеќето ги користат топлите фонтани, рече Игновски.
Обвинителот праша која е функцијата на куферчињата и од каде ги набавуваат.
– Тие куферчиња ги увезовме легално од Кина, ги продававме во продавницата. Тие не се користат само за прскалки, се користат и за балони, за активација на прашок за откривање на пол на бебе, имаат повеќе намени. Се користат и за активација на топли фонтани. Куферчињата имаат 8 бази, одеднаш може да се активираат 8 прскалки. Постојат и со 12 и со 4 бази, ние увезувавме од тие со 8. Имаат две далечинско внатре, може да се палат две по две, може и сите наеднаш, според желбата на тој што ги активира. Процесот на активација е следен: се става патронот во уредот, има две живи и батерија од 9 волти. Останува во стенд бај сѐ додека не се стисне далечинското. Може да се активираат и од 50 до 100 метри далечина. Тој што ракува треба да знае за каде му требаат, постојат патрони што прскаат еден метар, два метра. Имаат барутно полнење, со магнезиум и со алуминиум, затоа светкаат кога горат – рече сведокот.
Цената на тие куферчиња е по 150 евра, 9000 денари. Ги продавале 3-4 години, сѐ до пожарот. Ладните прскалки чинат 30.000 денари.


