Skip to main content
Свет

Иран тврди дека над 1.300 цивили се убиени

07/03/2026  08:39

Иранскиот амбасадор во Обединетите нации, Амир Саид Иравани изјави дека најмалку 1.332 ирански цивили загинале досега во конфликтот со САД и Израел, а илјадници други се повредени.

Иравани изјави дека нападите биле насочени кон цивилна инфраструктура и објекти во Иран. Според него, иранските сили, од друга страна, гаѓале исклучиво воени цели.

САД и Израел ги отфрлаат овие обвинувања и тврдат дека Иран е одговорен за напади врз цивилни цели.

Иравани истакна дека Иран не ги таргетира интересите на соседните држави и дека се проверуваат извештаите за наводни напади врз невоени објекти.

„Нашата првична проценка покажува дека дел од инцидентите можеби се резултат на пресретнувања или мешање на американските системи за воздушна одбрана, што можело да ги пренасочи проектилите од нивните воени цели“, изјави иранскиот дипломат.

Неговата изјава доаѓа во момент кога американскиот претседател Доналд Трамп побара „безусловна капитулација“ на Иран и изјави дека новиот врховен лидер на земјата треба да биде „прифатлив“, по смртта на ајатолахот Али Хамнеи на првиот ден од конфликтот.

Иравани ја оцени оваа изјава како „јасно кршење на принципот на немешање во внатрешните работи на државите“, повикувајќи се на Повелбата на Обединетите нации.

„Изборот на новото раководство на Иран ќе се одвива строго во согласност со нашите уставни процедури и исклучиво според волјата на иранскиот народ, без никакво странско мешање“, изјави тој.