
Првата група македонски државјани евакуирани од Израел вечерва пристигна на Меѓународниот аеродром во Скопје, откако претходно биле пренесени преку Египет. Станува збор за координирана евакуација организирана со помош на дипломатско-конзуларните претставништва, во услови на зголемени безбедносни ризици во регионот.
Евакуираните граѓани на аеродромот ги пречека заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, кој изјави дека операцијата била комплексна и барала интензивна координација.
„Вечерва пристигна првата група наши сограѓани од Израел, кои беа евакуирани преку Египет. Таму беше целосно организиран превоз за нив од страна на Амбасадата“, изјави Димитровски.
Тој посочи дека во Израел во моментов се наоѓаат уште седум македонски државјани кои засега не се одлучиле за евакуација. Дел од нив, како што рече, чекаат повторно да се отвори воздушниот простор за евентуално да се вратат со приватни летови.
Според најавите, институциите работат на тоа најдоцна до понеделник сите македонски државјани кои сакаат да се вратат да бидат евакуирани со три до четири летови од различни дестинации.
„Наредните денови тие ќе бидат пренесени со чартер летови организирани од Владата и Министерството за надворешни работи. Еден од летовите ќе тргне од Ријад, Саудиска Арабија“, додаде Димитровски.
Евакуираните граѓани изразиле благодарност што им било овозможено безбедно да се вратат во земјава. Дел од нив раскажале дека за време на престојот во Израел често морале да се засолнуваат поради сирените за тревога.
„Граѓаните кои пристигнаа вечерва велат дека секојдневно морале да одат во засолништа кога се огласувале сирени. Иако за израелските граѓани тоа е дел од секојдневието, за нашите било необично и тешко искуство“, изјави Димитровски.
Тој информираше и дека во земјите од Заливот моментално престојуваат околу 600 македонски државјани, најмногу во Абу Даби и Дубаи, околу 140 во Катар, како и помал број во Бахреин и Кувајт.


