
Поранешниот пратеник и јавен работник Благојче Трпевски почина, а веста за неговата смрт на социјалните мрежи ја сподели поранешниот премиер Димитар Ковачевски, кој изрази сочувство до неговото семејство и блиските.
Ковачевски во својата објава истакна дека Трпевски ќе биде запаметен како исклучително чесен, принципиелен и искрен човек, кој во текот на својата кариера оставил значаен белег во јавниот живот.
„Денеска не напушти Благојче Трпевски, кого ќе го паметиме како исклучително чесен, принципиелен и искрен човек. Беше вистински професионалец и поранешен пратеник во Собранието, човек кој неуморно работеше на реализацијата на патниот Коридор 8 и на развојот на државата. Неговата посветеност, човечност и борба за социјалдемократските вредности ќе останат трајно запаметени“, напиша Ковачевски.
Тој упати искрено сочувство до семејството и пријателите на Трпевски, посакувајќи му вечна слава.
Семејството на Трпевски пред неколку години се соочи и со голема лична трагедија. Неговиот син Јовица Трпевски (25) беше меѓу 13-те жртви во тешката сообраќајна несреќа со автобусот на „Дурмо турс“, која се случи во февруари 2019 година на автопатот Скопје–Тетово, кога автобус со околу 50 патници излета од патот и се преврте.


