Skip to main content
Македонија

Битиќи: Буџетот не е во добра кондиција, дел од расходите се само одложени

03/03/2026  23:11

Екс-вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во интервју за емисијата „Ноќно студио“ на 4TV.mk изјави дека е прерано да се носат конечни заклучоци за економските последици од актуелната војна, нагласувајќи дека реалното влијание врз инфлацијата и врз државниот буџет ќе може да се согледа по неколку недели.

„Разговорот го правиме четири дена по почетокот на војната. Ако го правевме по четири недели, со сигурност ќе можев да ви кажам повеќе, затоа што тогаш ќе знаеме колкаво ќе биде влијанието врз инфлацијата и врз потребите на државната каса“, истакна Битиќи.

Тој потсети дека уште при носењето на Буџетот за 2026 година предупредил дека јавните финансии не се во најдобра кондиција. Според него, 2025 година завршила со околу 500 милиони евра помалку приходи од планираното, но и со ист износ на нереализирани расходи.

„Некој ќе рече дека е добро ако не реализирате 500 милиони евра расходи, но тоа не е нужно домаќинско работење. Во економијата тоа често значи дека расходите не се непостоечки, туку едноставно не се платени“, појасни тој.

Како аргумент, Битиќи ги посочи податоците од првите два месеца во 2026 година, кога реализацијата на капиталните инвестиции достигнала околу 20 проценти.

„Такво ниво на реализација не е возможно ако немало одложување на плаќања од претходната година. Тоа укажува дека дел од расходите од 2025 година се префрлени во 2026, бидејќи тогаш немало доволно средства“, оцени Битиќи.

Тој предупреди дека во услови на глобална нестабилност и можни инфлаторни притисоци, ваквата состојба може дополнително да го оптовари буџетот и да ја намали фискалната флексибилност на државата.