Skip to main content
Македонија

Останува забраната за пиење на водата во Струга

27/02/2026  16:36

Поради матноста,останува забраната за пиење на водата од струшкиот водовод.Водата може да се користи само за техничка употреба, потврди денеска д-р Лидија Симоноска, специјалист по хигиена и здравствена екологија во Центарот за јавно здравје – Охрид.

Мострите земени денеска од неколку мерни места, според Симоноска, покажуваат матност од  0,62 до 1,73, а дозволените вредности се 1,5 матност. 

– Намалена е матноста. Мострите земени од три мерни места веќе се во нормала. Но, ќе направиме проверка и следната недела. Додека не излезат три последователни мостри низ градот каде што нема варијации на матноста нема да дадам препорака за пиење на водата. Затоа забраната сеуште важи, изјави Симоноска.

За разлика од градскиот водовод, кој сега е поврзан на изворите во Белица и селото Заграчани, матноста на водата во изворот „Шум“ е многу висока.

– Извор „Шум“ вчера беше со 1,46 матност, а денешните мостри покажуваат 6,61 матност. Овој извор нема така лесно да се стабилизира, заклучи Симоноска.

Стружани веќе 19 дена немаат вода за пиење, поради голема заматеност на изворот „Шум“, од каде се снабдува градот и околните села со питка вода.

Причина за матноста, според градоначалникот Менди Ќура, се ископите, кои годинини наназад се правеле околу изворите во „Шум“, за што Основното јавно обвинителство –  Струга отвори предмет и определи забрана за две правни лица од Велешта да ги посетуваат парцелите каде вршеле ископ. 

Првите резултати од мостри земени на 9 февруари од екипите на Центарот за јавно здравје Охрид покажуваа 28,56 матност од дозволени 1,5.