Skip to main content
Македонија

Одобрено обвинение против 13 полицајци за пожарот во „Пулс“

26/02/2026  12:28

Советот за оценка на обвинителен акт, при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи во оцена на два обвинителни акт поднесени од Основното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, по одржани седници и ценејќи ги фактите и доказите во двете обвиненија донесе решенија со кои:

Обвинителниот акт со КОК – ооа 4/26, против 13 полициски службеници кои се товарат дека сториле кривично дело – Тешки дела против општата сигурност, поврзани со пожарот кој на 16 март 2025 година се случи во објектот „Пулс“ во Кочани, се одобрува во целост.

Воедно и обвинителниот акт со КОК – ооа 5/26 , против 5 физички лица за различни кривични дела и тоа Давање поткуп, Давање награда за противзаконито влијание, Примање награда за противзаконито влијание и Примање поткуп, во чиј склоп е и обвинителен предлог против 4 други физички и 1 правно лице, а поврзани со користење средства преку ИПАРД програмата.

Врз основа на двата, веќе одобрени обвинителни акти, формирани се кривично правни предмети и тоа КОК бр. 4/26 поврзан со пожарот во Кочани, и КОК бр. 5/26 поврзан со ИПАРД програмата кои предмети согласно АКМИС – системот ќе бидат распределени на понатамошно постапување кај надлежни судии, а откако ќе биде насрочени главна расправи по конкретните предмети, термините ќе бидат достапни преку Календарот за судење на веб страната на судот.