Skip to main content
Македонија

Денеска во ЕП ќе биде презентиран Извештајот за Македонија

26/02/2026  10:43

Известувачот на Европскиот парламент за Македонија, европратеникот Томас Вајц, денеска пред Комитетот за надворешни работи на ЕП (АФЕТ) ќе го презентира годишниот нацрт-извештај за напредокот на државата.

Во годишниот нацрт-извештај Вајц, меѓу другото, наведува дека од суштинско значење за евроинтеграцијата на државата, особено во контекст на новата геополитичка реалност, е сите политички актери, особено Владата, да даваат опипливи резултати во клучните области, а во исто време ЕУ и нејзините држави членки мора ги исполнат своите обврски, целосно да ја поддржат земјата, вклучително и преку активен дипломатски ангажман, за да ѝ помогнат да напредува во исполнувањето на сопствените обврски.

Ова ќе биде втор извештај за земјата од 2022 година по тој минатата година, кој беше усвоен од ЕП. Вајц во појаснувачката изјава во нацрт-извештајот нагласува дека оваа година има чест да го презентира својот втор извештај за Северна Македонија и додава дека документот има цел да обезбеди балансирана и објективна оценка на напредокот на земјата во процесот на пристапување и во согласност со  воспоставената пракса се подготвува како одговор на пакетот за проширување на ЕК за 2025 година.

– Северна Македонија моментно се наоѓа во тешка позиција бидејќи процесот на пристапување е сопрен. И покрај некои позитивни реформи, напредокот на реформската агенда на ЕУ, особено во клучни области, како владеењето на правото, реформите во правосудството и борбата против корупцијата, е недоволен. Ова се должи на изборната кампања, ограничените капацитети во јавната администрација и недостигот на долгорочна политичка посветеност – вели Вајц.

Тој посочува дека не е постигнат напредок во однос на уставните измени поради загриженост за потенцијални дополнителни билатерални блокади или барања од Бугарија. Смета дека е потребно и итно зголемување на политичката волја од двете страни за да се надмине овој ќор-сокак.